Апелација ја потврди казната за Начевски и Николов - суспензијата останува!
Претходно, ЕХФ на 10 јануари ја повлече номинацијата на македонските судии за Европското првенство, а потоа и ги суспендираше.
Причината која се наведува е лажирање на фитнес тест.
„Апелацискиот суд на ЕХФ ја потврди одлуката на Судот за ракомет во случајот против македонската судиска двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.
Пред почетокот на Европското првенство за мажи ЕХФ ЕУРО 2026, Европската ракометна федерација ја повлече нивната номинација поради наводна манипулација со прикачени видео снимки од таканаречениот „Multistage Fitness Test“.
Врз основа на експертската анализа на партнерот за интегритет на ЕХФ, „Спортрадар“, е утврдено дека спорните видеа биле манипулирани, по што Судот за ракомет донесе одлуки санкции кои сега се потврдени и од Апелацискиот суд на ЕХФ.
Двајцата судии се суспендирани од извршување на било каква функција во рамки на ЕХФ и учество во било какви активности на федерацијата во траење од две години, сметано од датумот на првостепената одлука, поради сериозно неспортско однесување“, објави ЕХФ.
Исто така Начевски и Николов се казнети и парично со по 5.000 евра, а за оваа одлука во рок од 21 ден можат да поднесат жалба до Европскиот ракометен суд.