Хаос во Шкендија Арачиново: Фудбалерите не сакале да играат по нарачка на дуелот со тетовска Шкендија!?
Порталот infosport.mk, денеска објавува дека најмалку петмина фудбалери покажале револт и незадоволство поради она што се случувало на куп-дуелот против Шкендија Тетово, одигран вчера. Според порталот, причина за незадоволството се наводни наредби за тоа како да играат и да се однесуваат, а кои довеле до нивна замена најдоцна до 60. минута од натпреварот. По нивното излегување, шампионот го скрши отпорот на Шкендија Арачиново и со голови во 86. и 89. минута дојде до победата од 2-0.
„Излегувањето од игра на овие фудбалери предизвика драстична промена во играта, а како резултат на тоа, видовме целосно анемична Шкендија Арачиново, особено при постигнувањето на головите“, пишува infosport.mk.
Меѓу оние кои беа заменети е и голманот Столевски кој, наводно, бурно реагирал, а неговата замена Шукриу се води како еден од виновниците за првиот гол на тетовскиот тим.
Пред Шкендија Арачиново е клучниот натпревар за пласман во Првата лига, в сабота против Брегалница во Штип. Ќе биде интересно да се види како ситуацијата од мечот со Шкендија Тетово ќе влијае на играта и на однесувањето на фудбалерите.