Четири години суспензија за скијачот Лазаревски поради допинг!
Лазаревски првично беше вклучен во тимот кој требаше да ја претставува Македонија, но тогаш не се појави на прес-конференцијата пред тргнувањето за Италија, а подоцна беше потврдено дека бил позитивен на допинг.
Анти-допинг комисијата на Министерството за спорт сега му изрече суспензија која е со важност до 29 јануари 2030 година, почнувајќи од 30 јануари годинава.
Во периодот на суспензијата, Лазаревски нема да може да се натпреварува во било какво официјално натпреварување.
„За време на периодот на неподобност, во согласност со член 10.14, од Анти-допинг правилата на Македонската НАДО, на спортистот не му е дозволено да учествува во било кој капацитет и степен на натпреварување или друга активност (освен овластени програми за анти-допинг едукација или програми за рехабилитација) организирани, свикани или овластени од:
Скијачката федерација на Македонија или од кој било орган каде е член или е поврзан или лиценциран од Скијачката федерација на Македонија.
Кое било професионално натпреварување или некоја меѓународна или национална организација за организирање на настани. Почеток на суспензијата е од 30.01.2026 година заклучно до 29.01.2030 година“, стои во одлуката.
Лазаревски има право да се жали на одлуакта до Арбитражниот суд за спорт во Лозана во рок од 21 ден по известувањето за суспензијата.
Ќе потсетиме во алпско скијање на местото на Лазаревски во Италија, Македонија ја претставуваше Виктор Петков.
