По 20 години, Арсенал повторно е во финалето од Лигата на шампионите (ВИДЕО)
Триумфот од еден гол им беше доволен на „топчиите“ по минатонеделното реми (1-1) на Метрополитано. Во финалето се враќаат по точно две децении откако во 2006 година во Париз се сретнаа со Барселона и загубија со 1-2.
Моментот на одлука денеска се случи во последната минута од првото полувреме. По една акција од десната страна на Салиба и Ѓокереш, шведскиот напаѓач нафрли пред голот, таму Тросар се обиде да шутира, но топката дојде до Сака кој од непосредна близина ја смести во мрежата.
До примениот гол, Атлетико играше резервирано, главно сконцентриран на својата половина во обид да го спречи противникот да му се закани на Облак. Затоа во цело прво полувреме шпанскиот тим немаше ниеден шут кон голот на Арсенал, па во вториот дел и покрај големите напори, не успеа да дојде до израмнување. Така, Атлетико сезонава остана без трофеј иако во финишот од сезоната се бореше за два - во Копа дел Реј каде во финалето загуби од Сосиедад и во Лигата на шампионите во чие полуфинале вечерва е елиминиран од Арсенал.
Што се однесува до лондонскиот клуб, во мечот за титулата на 30 мај во Будимпешта ќе игра со победникот од двомечот меѓу Баерн и ПСЖ кои утре го играат својот реванш.