Во Охрид доаѓа поранешен играч на ПСЖ, можно е останување и на Јасухира!
Охрид игра фантастична сезона која е влезена во самата завршница, паралелно на натпреварите, охриѓани размислуваат и на ростерот за следната сезона.
Што се однесува до клучните играчи познато е дека голманот Кристијан Плиповиќ заминува во Кријенс Луцерн со кого потпиша договор пред неколку месеци. Наместо него доаѓа хрватскиот репрезентативец Дино Славиќ од Лимож. Покрај Славиќ, познато е дека во Охрид доаѓаат и унгарскиот десен бек Доминик Мате од Елверум, македонскиот среден бек, Мартин Карапалевски од Ваљадолид и српскиот репрезентативец од Партизан, Никоа Зечевиќ.
Тренерот Борис Ројевиќ сега откри дека е договорен и трансфер на поранешниот играч на ПСЖ, Адам Кеита, а се прави напор да се задржи и фантастичниот Јапонец, Косуке Јасухира кој и самиот истакна дека сака да осане, но е под договор со клуб од Кувајт.
„Можам да кажам дека ни доаѓа и лево крило, Адам Кеита, поранешен играч од ПСЖ кој две сезони игра за АЕК. Ќе видиме дали ќе успееме да го задржиме Јасухира. Тој има договор во Кувајт со Бураган. Ние сакаме да го задржиме. Видовме сега против Целје колку ни значи. Би сакал да остане, но ќе видиме дали ќе успееме во тоа“, рече Ројевиќ за „Моцарт Спорт“.