Голманот кој нокаутираше фудбалер имал објаснување за глупоста која ја направи (ВИДЕО)

Вчера вечер во центарот на вниманието се најде ситуацијата во која голманот на Сарагоса, Естебан Андраде како во бокс-меч го нокаутираше противничкиот фудбалер, Хорхе Пулидо откако претходно беше исклучен. 

Голманот прво доби втор жолт картон затоа што го турна фудбалерот, а кога виде дека судијата го исклучи тргна да го брка и го удри со тупаница. Нема дилеми дека за ваквиот потег го чека дополнителна казна како од федерацијата, така и од неговиот клуб. 

Денеска на темата се огласи и тренерот на Сарагоса, Давид Наваро.

„Не оправдувам ништо. Напротив, им се извинувам на сите што го видоа тоа. Постојат граници кои не смеат да се преминат, не само како професионалци, туку и како луѓе. Тие граници беа преминати и од двете страни. Најдоброто нешто во ваква ситуација е извинување, без дополнителни објаснувања“.

Наваро вели и дека разговарал со Андраде за кого вели и дека имал свое објаснување.

„Разговарав со него затоа што е мирен и добар човек. Тоа е тоа, тој има свое објаснување, но како што кажав постојат граници што не смееме да ги преминеме“.