Сензационален пораз на Шкендија: Башкими среде Тетово му направи услуга на – Вардар (ВИДЕО)

Екипата на Шкендија направи сензационален кикс во трката за шампионската титула, откако денеска, на домашен терен, загуби од Башкими (2-3), по кој сега сега заостануваат четири бода зад лидерот Вардар.

Натпреварот започна одлично за домаќините, кои поведоа уште во третата минута. По лошо поставена офсајд-стапица на гостите, Красниќи продре по левата страна, а по неговото додавање Тамба ја смести топката во празната мрежа за 1-0. Но, Башкими брзо возврати. Во седмата минута, Рибеиро не реализираше зицер, но само две минути подоцна асистираше до Аворнио, кој ја искористи лошата поставеност на одбраната и израмни на 1-1.

Во продолжението гостите ја презедоа иницијативата. По неколку пропуштени шанси на двете страни, во 36. минута беше постигнат најубавиот гол на мечот – Аворнио центрираше, а Роналдо Ор со атрактивен волеј донесе пресврт (1-2). Само неколку минути подоцна истиот играч повторно погоди за 1-3, а и покрај ВАР-проверката, голот беше признат. Во второто полувреме, Башкими можеше и до четврти погодок, но Шкендија постепено го засили притисокот. Тоа резултираше во 65. минута кога Бесарт Ибраими намали на 2-3. До крајот домаќините се обидуваа да стигнат до израмнување, а Ибраими постигна уште еден гол, но тој беше поништен поради офсајд.

Во финишот се играше со многу прекини и без погодоци, па Башкими, иако важеше за отпишан пред натпреварот, успеа да освои значајни три бода, додека Шкендија сериозно си ја искомплицира битката за титулата. На четири рунди до крајот на првенството, Вардар е прв со 71 бод, додека Шкендија неочекувано остана на 67 бодови, поради што сега ќе чека кикс на вардарци, па во последното коло сами да се обидат со триумф над директниот ривал да ја задржат титулата.