Резервист го донесе Денвер пред елиминација, Јокиќ предизвика хаос и беше исклучен (ВИДЕО)

Ајо Досунму беше херој на вечерта во НБА лигата, откако како резервист постигна 43 поени и ја предводеше Минесота до убедлива победа над Денвер (112-96), за водство со 3-1 во серијата.

„Волците“ сега се на само една победа од пласман во полуфиналето на Западната конференција. Одличната партија на Досунму е потврда за неговата извонредна форма, откако и на претходниот натпревар постигна 25 поени. Во последните 50 години, поефикасен настап од резервист во плејоф натпревар е забележан само во 1976 година, кога Фред Браун постигнал 45 поени. Последен пат играч од клупата постигнал најмалку 40 поени во плејоф пред десет години, кога тоа му успеало на Стеф Кари.

Кај „нагетс“, најефикасни беа Џамал Мареј со 30 поени и Никола Јокиќ, кој беше блиску до трипл-дабл со 24 поени, 15 скока и девет асистенции. Србинот на 1,3 секунди до крајот на натпреварот беше исклучен по бурна реакција кон играч на Минесота, откако Џејден МекДениелс постигна кош иако победникот веќе беше решен. Инцидентот предизвика хаос меѓу играчите, по што Јокиќ заработи исклучување.

Во другите ноќешни натпревари од плејофот, Њујорк израмни на 2-2 во серијата против Атланта, славејќи на гостински терен со 114-98. Карл-Ентони Таунс беше лидер на Њујорк со трипл-дабл од 30 поени, 10 скока и 10 асистенции. Оклахома поведе со убедливи 3-0 против Феникс, откако славеше со 121-109 и се најде на чекор до таканаречена „метла“ во серијата. Шај Гилџиус-Александер беше најзаслужен за победата со 42 постигна4ти поени.

Интересна е и серијата меѓу Орландо и Детроит, каде најдобриот тим од регуларниот дел на Источната конференција губи со 1-2. Орландо славеше со 113-105, а ова е само 13-ти пат од 1984 година наваму, откако плејофот се игра во формат со 16 екипи, осмиот носител да води со 2-1 против првиот. Во пет случаи досега, прворангираниот тим бил елиминиран.

ФОТО: X / @Timberwolves