Нови детали од скандалот во Италија: Фудбалери плаќале над 10.000 евра за ескорт дами

Документите од истрагата на обвинителството во Милано за проституција откриваат детали за скандалот во кој се вклучени и фудбалери.

Ѕвезди од Серија А плаќале за вечерна забава со ескорт дами, а целиот пакет на услуги чинел и над 10.000 евра, додека организацијата задржувала повеќе од половина од заработката.

„Газета дело Спорт“ објави дека организацијата управувала со сите аспекти, од патување до исполнување на желбите на клиентите, а освен за вечерата фудбалерите требало да доплатат за други услуги доколку се заинтересирани.

Девојките добивале мал дел од заработката на криминалната група, односно имале добивка од 70 до 100 евра на ден.

Во меѓувреме, финансиската полиција трага по парите на криминалците и верува дека во странски банки имаат сокриени 1,2 милиони евра.

За време на истрагата се појавија и имиња на голем број фудбалери, меѓу кои се Алесандро Бастони, Рафаел Леао, Душан Влаховиќ, Јан Бисек и други, но истите не се осомничени за казнено дело.