Aнчелоти во проблем, младата ѕвезда најверојатно го пропушта Мундијалот

Бразилскиот офанзивец Естевао се здобил со тешка повреда на задната ложа во поразот на неговиот тим од Манчестер јунајтед, поради што неговиот настап на Светското првенство е сериозно доведен во прашање, пишува „Атлетик“.

Извори запознаени со ситуацијата наведуваат дека станува збор за повреда од четврти степен, што значи дека е малку веројатно дека ќе биде подготвен до 13 јуни, кога Бразил го игра првиот натпревар против Мароко.

По направената магнетна резонанца се потврдила сериозноста на повредата, а во Челси и пред прегледот стравувале од најлошото сценарио.

Естевао се повреди на натпреварот против Манчестер јунајтед, кој Челси го загуби со 1-0, а младиот напаѓач веќе во 16. минута го напушти теренот на „Стемфорд Бриџ“. Тренерот на Челси, Лиам Розениор, по натпреварот потврди дека фудбалерот бил во солзи во соблекувалната, а оваа повреда најверојатно значи и предвремен крај на неговата дебитантска сезона во клубот.

Крилниот фудбалер пристигна во Челси во мај 2024 година од Палмеирас и на 36 настапи постигна осум голови и запиша четири асистенции.