Алушовски си замина од Пелистер, неговиот асистент ќе ги води битолчани до крајот на сезоната?!

Три месеци откако беше назначен за тренер на Пелистер, на местото на Рубен Гарабаја, легендата на македонскиот ракомет Стевче Алушовски е пред заминување од битолскиот клуб.

Неофицијалните информации зборуваат дека тој поднел оставка по елиминацијата од Охрид во полуфиналето на Купот на Македонија, а управата на клубот денеска му ја усвоила. Иако беше донесен да го врати Пелистер на шампионските патеки по лошиот прв дел од сезоната, Алушовски се вклопи во сивилото, не успеа да направи добар резултат во Лигата на шампионите, а битолскиот тим е на добар пат да ја прекине тригодишната доминација во домашното првенство.

До крајот на сезоната, вклучувајќи го и дербито против Вардар во Скопје во првиот викенд од мај, екипата треба да ја води помошникот Алексо Лембанов кој долги години е во клубот и беше во улога на асистент на многу тренери претходно, од Звонко Шундовски, до Алушовски.

Ако нешто не се смени, Пелистер може да заврши дури на третото место во првенството што заедно со дебаклот во Купот и Лигата на шампионите, ќе биде капак на очајната сезона.