Минесота направи брејк, Денвер ја изгуби предноста на домашниот терен (ВИДЕО)

Иако водеше со 19 разлика, Денвер Нагетс е поразен на домашен терен од Минесота во серијата од првата рунда на НБА плејофот.

Тимбервулфс славеа со 119-114 по што Денвер ја загуби предноста на домашниот терен во оваа серија. Предноста од 19 разлика, Нагетс ја имаа во втората четвртина кога поведоа со 44-25, но веќе до средината на тој период гостите не само што ја анулираа негативата, туку дојдоа и до минимална предност (49-48).

Кон средината на последната четвртина, Денвер повторно поведе, сега со +5, но нешто подоцна Минесота ја презеде контролата над резултатот и во драматичниот финиш дојде до посакуваната победа. Кога се очекуваше енергијата на домашниот тим да дојде до израз, со помош на публиката, се случи токму спротивното. На сцена стапи Ентони Едвардс, додека Јокиќ и Мареј во клучните моменти буквално исчезнаа од теренот. Промашени шутеви, изгубени топки и недостаток на агресивност кумуваа на тоа Минесота да дојде до голема победа пред преселбата на серијата во Минеаполис.

Едвардс одигра извонреден натпревар и постигна 30 поени и 10 скока, Мареј и Јокиќ имаа одлични бројки, но разликата е во тоа што кошаркарот на Минесота беше најдобар во најважните моменти. Мареј исто постигна 30 поени, додека Јокиќ остана за малку покус за трипл дабл (24 поени, 15 скока, 8 асистенции).

РЕЗУЛТАТИ
Кливленд – Торонто 115-105 (2-0)
Њујорк – Атланта 106-107 (1-1)
Денвер – Минесота 114-119 (1-1)