„Џелатот“ на Синер одигра уште еден историски меч на Ролан Гарос долг – шест часа!

Аргентинецот Хуан Мануел Серундоло продолжува да биде најпријатното изненадување на годинешното издание на Ролан Гарос, откако по маратон долг речиси шест часа избори пласман во осминафиналето на гренслем-турнирот во Париз.

Моментално 56. тенисер на АТП-листата во драматичен меч од третото коло го совлада младиот Шпанец Мартин Ландалусе со 6-4, 6-7, 7-6, 6-7, 7-6 по неверојатни пет часа и 57 минути игра. Серундоло уште еднаш покажа железни нерви, откако во решавачкиот тај-брејк од петтиот сет се најде на работ на елиминација. Ландалусе водеше со 8-6 и беше на чекор до победата, но Аргентинецот освои четири поени во низа и направи спектакуларен пресврт за место меѓу најдобрите 16.

Колку неизвесен беше дуелот најдобро покажува статистиката – Серундоло освои вкупно 214 поени, а неговиот ривал само еден помалку (213). Овој спектакл влезе и во историјата како трет најдолг меч на Ролан Гарос откако се води официјална статистика од 1996 година. Аргентинецот веќе го сврте вниманието кон себе во второто коло кога направи сензација и го елиминира светскиот рекет број еден, Јаник Синер и тоа по пресврт од два сета негатива. Сега уште еднаш докажа дека поседува исклучителна физичка подготвеност и ментална цврстина.

Во осминафиналето го очекува нова голема битка против Матео Беретини, кој исто така до победата стигна по пет сета. Италијанецот го совлада Франциско Комесања со 7-6, 5-7, 6-7, 6-4, 7-6 и исто така ќе влезе заморен во следниот предизвик. Без разлика на исходот од дуелот со Беретини, Серундоло веќе го направи најголемиот исчекор во кариерата. Благодарение на фантастичниот настап во Париз, тој за првпат ќе се најде меѓу 50-те најдобри тенисери во светот, а според АТП-лајв листата веќе се искачи на 44. место.

ФОТО: X / @TheTennisLetter