Круната на ПСЖ донесе хаос во Париз - солзавец, апсења и војна на улиците (ВИДЕО)

Синоќешниот историски триумф на ПСЖ во Лигата на шампионите, втор во последните две години, беше засенет од сериозни немири во Париз, но и низ цела Франција, во кои беа уапсени повеќе од 400 лица, а повредени и неколку полицајци.

Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека до раните утрински часови во неделата биле приведени 416 лица, од кои дури 280 во Париз. Во нередите биле повредени седум полицајци, а оштетени шест возила, две деловни згради и автобуска станица. Илјадници навивачи излегоа на улиците за да го прослават европскиот успех на парижаните, но славјето брзо прерасна во хаос. Во центарот на Париз биле користени факели, огномети и други пиротехнички средства, додека полицијата интервенирала со солзавец.

Снимките кои се појавија на социјалните мрежи покажуваат запалени факели, уништени електрични велосипеди и искршени излози на продавници. Елисејските полиња беа преплавени од навивачи веднаш по големиот триумф на францускиот шампион. Инциденти имало уште пред завршувањето на финалето, кога дошло до судири меѓу полицијата и навивачите кои натпреварот го следеле на големите екрани поставени на стадионот „Паркот на принцовите“.

Министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, ги осуди настаните, нарекувајќи ги „апсолутно неприфатливи“, додека лидерката на француската крајна десница, Марин Ле Пен, порача дека „само во Франција победа на фудбалски клуб може да предизвика вакви немири“. И покрај инцидентите, фудбалерите на ПСЖ денеска ќе учествуваат на шампионска парада низ Париз, која ќе мине покрај Ајфеловата кула, а потоа ќе бидат примени и од францускиот претседател Емануел Макрон.

Ова не е првпат прославата на успехот на ПСЖ да биде проследена со насилство. И на ланското славје имаше сериозни инциденти, при што животот го загубија две лица, меѓу кои и 17-годишно момче.