Министерот Ристовски му честиташе на Дарио Ивановски за извонредниот успех на Белградскиот маратон

Министерот за спорт Борко Ристовски, денеска се сретна со најдобриот македонски атлетичар, Дарио Ивановски, и му упати честитки за успехот што го оствари викендов на престижниот Белградски маратон.

Ристовски истакна дека Министерството за спорт ќе продолжи да ги вреднува врвните резултати и да обезбедува поддршка за спортистите кои достоинствено ја претставуваат Македонија и македонскиот спорт на меѓународна сцена.

„Упатувам искрени честитки за овој извонреден успех. Дарио е еден од нашите најдобри спортисти и еден од најсилните адути на македонската атлетика за претстојните големи меѓународни натпреварувања. Уверен сум дека најдоброто од него допрва доаѓа. Како Министерство за спорт ќе продолжиме да ги вреднуваме резултатите и да вложуваме во нашите врвни спортисти кои се наши најголеми амбасадори во светот“, порача Ристовски.

На 39. Белградски маратон, Ивановски го освои второто место, во исклучително силна конкуренција од 2.350 маратонци од 79 земји, завршувајќи ја трката со време од 2:09.35 часа, со заостанување од само 24 секунди зад победникот Гада Гемсиса Гудета од Етиопија.

Резултатот што го постигна во Белград е за помалку од една секунда поспор од националниот рекорд  на Ивановски  (2:08:26) поставен во февруари 2024 година, што е уште една потврда за неговата посветеност, дисциплина и континуирана врвна форма.