Ѓоковиќ урна рекорд на Федерер – до крајот на годинава ќе му „украде“ уште еден!
Тој ја започна својата 860. недела во Топ 5, со што го надмина досегашниот рекорд на Роџер Федерер, кој имаше 859 недели меѓу елитата. Дополнително импресивен е податокот што дури 428 од тие 860 недели српскиот ас ги минал на првото место на светот – убедливо најмногу во историјата. За споредба, Федерер зад себе има 310 недели како светски број еден.
Практично, тоа значи дека речиси половина од времето во Топ 5 (49,8%) Ѓоковиќ го поминал како најдобар тенисер во светот, додека околу 70% од периодот бил меѓу првите двајца. Воедно, Ѓоковиќ моментално има 939 недели поминати во Топ 10, што е втор најдобар резултат во историјата, повторно зад Федерер (968).
Доколку го задржи континуитетот и остане во самиот светски врв, реално е да се очекува дека веќе во ноември ќе стане и рекордер по бројот на недели поминати во Топ 10 на АТП-листата.