Вардар спектакуларно ќе го прослави 65. роденден – во ретро-дресови против Алкалоид!
Во фокусот на прославата ќе биде настапот на вардарци во специјално дизајнирани ретро-дресови, со кои клубот ќе им оддаде почит на славните генерации и богатата историја. Овој симболичен потег треба да ја врати носталгијата и духот на старите времиња, но и да ја потенцира врската меѓу минатото и сегашноста на најтрофејниот македонски ракометен бренд.
Натпреварот е закажан за 18 часот, но празничната атмосфера ќе започне многу порано и тоа на платото пред салата ќе биде организирана фан-зона со богата програма за сите посетители, како увертира за главниот настан. Од клубот упатуваат отворена покана до сите навивачи да бидат дел од прославата и заедно да го одбележат значајниот јубилеј. „Црвено-црните“ потенцираат дека ова е момент на заедничка гордост по децении поддршка, борба и успеси, нагласувајќи ја важноста на верноста на навивачите низ годините.
Како дел од јубилејната година, најавен е и документарен филм посветен на клубот, кој ќе ја раскаже приказната за сите генерации, легенди, играчи, тренери и навивачи што оставиле длабока трага во историјата на Вардар.