Трагедија на рели во Аргентина - загина гледач по излетување на автомобил (ВИДЕО)

Голема трагедија го одбележа релито „Рели Судамерикано“ во Аргентина, откако автомобил излета од патеката и заврши меѓу публиката, при што едно лице го загуби животот.

Станува збор за едно од најзначајните рели натпреварувања во Јужна Америка, а делницата кон местото Мина Клаверо традиционално привлекува голем број гледачи. Според првичните информации, екипажот од Парагвај – возачот Дидиер Аријас и совозачот Хектор Нуњез, изгубиле контрола над возилото во брза кривина. Автомобилот неколкупати се превртел и неконтролирано продолжил кон гледачите.

И покрај брзата реакција на итните служби, 25-годишен маж од Кордоба им подлегнал на повредите. Повредена е и 40-годишна жена која се здобила со скршеница на зглобот, но не е во животна опасност, додека нејзината ќерка поминала со полесни повреди. Возачот и совозачот не се повредени.

Поради драматичните сцени, трката веднаш била прекината. Причините за несреќата засега не се познати, а надлежните испитуваат дали станува збор за грешка на возачот, технички дефект или друг надворешен фактор.