Флик по елиминацијата: Заслуживме полуфинале, но - тоа е фудбалот!

Тимот на Атлетико Мадрид се пласираше во полуфиналето од Лигата на шампионите и покрај поразот од Барселона (1-2) во синоќешниот реванш, благодарение на вкупниот триумф од 3-2.

По елиминацијата на каталонците, стратегот на Каталонците, Ханси Флик, не го криеше разочарувањето, но истовремено истакна дека е горд на своите фудбалери.

„Кога ќе ги погледнете двата натпревари, мислам дека заслуживме пласман во полуфиналето. Но, тоа е фудбалот. Треба некои работи да ги правиме подобро. Имавме добар пристап и менталитет, тимот даде сѐ од себе. Можеме да бидеме горди, бевме фантастични, дури и со играч помалку“, изјави Флик.

Германецот потенцираше дека разбира колку е големо разочарувањето, но дека тимот мора да продолжи да учи и да напредува.

„Го разбирам разочарувањето, но секој ден мора да учиме нешто ново“, додаде тренерот на Барселона.

Флик одби да го коментира судењето, нагласувајќи дека тоа е нешто што не може да го промени.

„Не сакам да зборувам за судењето. Тоа се работи што не можам да ги сменам. Можеби би било добро да го коментирам судијата, но не сакам. Мора да го прифатиме тоа“, истакна тој.

На крајот, Ханси Флик порача дека фокусот сега се префрла на домашното првенство.

„Следниот чекор е да дадеме сѐ од себе за да ја освоиме титулата. На добар пат сме да ја оствариме таа цел. Лигата на шампионите останува наш голем сон. Имаме млад тим и следната сезона ќе бидеме уште подобри“, заклучи Флик.

ФОТО: EPA PHOTO