Шокантно признание на Ришарлисон: Сакав со автомобилот да се забијам во ѕид!

Бразилскиот репрезентативен напаѓач Ришарлисон откри дека болниот пораз од Хрватска во четвртфиналето на Светското првенство 2022 година сè уште го прогонува и дека нема да го заборави додека не стане светски шампион.

Хрватска тогаш го елиминираше Бразил по изведување пенали на Мундијалот во Катар, оставајќи длабока трага кај бразилските фудбалери.

Напаѓачот на Тотнем во интервју за „Франс Фудбал“ откри дека по турнирот поминал низ исклучително тежок период и дури размислувал за најцрни сценарија.

„По Светското првенство во 2022 паднав во депресија. Сè ми се сруши одеднаш: елиминацијата, предавството од мојот агент Ренато Веласко, кого го обвинувам за измама, семејни проблеми, физички проблеми… Година ипол добивав удари, секој ден“, изјави Ришарлисон.

Тој признава дека тоа бил најтежок период во неговиот живот.

„Првпат се соочив со толку многу проблеми, како да бев во бездна без дно. Во сето тоа запознав чесен адвокат кој ми ги среди работите и имотот. Потоа ми помогна и Еурелио Гомес.“

Бразилецот откри и колку голема улога одиграло неговото семејство во закрепнувањето.

„Една вечер, додека ја возев сопругата на аеродром, ја погледнав во очи и ѝ реков: ‘Ти благодарам што ми го спаси животот.’ Колку пати, додека возев, помислував да се забијам во ѕид! Сега кога таа е тука, повеќе не размислувам за тие глупости. Таа и мојот син ми значат сè.“

Фото: EPA