Јокиќ е кошаркарски вонземјанин – постави НБА-рекорд кој никогаш нема да биде соборен!
Центарот на Денвер Нагетс влезе во историјата како прв играч кој една НБА-сезона ја завршил како лидер по бројот на скокови и по бројот на асистенции. Јокиќ регуларниот дел го комплетираше со просек од 12,9 скокови и 10,9 асистенции, со што постави уникатен рекорд во најсилната лига во светот. Легендарниот Вилт Чембрлен во сезоната 1967/68 имал најмногу вкупни скокови и асистенции, но не бил најдобар по просек на додавања, што дополнително го издвојува постигнувањето на Јокиќ.
Доминирањето на српскиот центар добива уште повеќе на тежина ако се знае дека, меѓу класичните „петки“, само Чембрлен (двапати) и Бил Расел (еднаш) имале просек од над пет асистенции по сезона. За Јокиќ, ова е осма сезона по ред во која има повеќе од пет асистенции по натпревар, што само ја потврдува неговата константност и уникатен стил на игра. Дополнително, ова му е втора последователна сезона со трипл-дабл просек, достигнување што досега му успеало само на Расел Вестбрук, кој воедно му беше и соиграч во Денвер.