Се сеќавате на Ел Шарави? Зажали што некогаш ја избра Италија!

Во периодот кога Италија остана и без трет Мундијал во низа, дел од јавноста потсети и на Стефан Ел Шарави кој во 2008 година одлучи да го носи италијанскиот дрес.

Имено, Ел Шарави во тоа време го носеше дресот на Џенова и за него како фудбалер кој ветува се бореа Италија и Египет. Таткото на Ел Шарави е Египќанец, а неговата мајка Италијанка, па така имаше опција да избира.

На крајот се одлучи за Италија која две години претходно го освои и Мундијалот и секако неговата одлука не беше изненадување.

Сепак, таа одлука се покажа како погрешна, бидејќи не доби шанса да настапи ниту минута на едно Светско првенство. Беше во тимот на Мундијалот во 2014 година кога Италија не ја помина групата, меѓутоа сите три натпревари ги преседе на клупата за резерви.

За да биде неговата ситуација уште полоша се погрижи Роберто Манчини кој не го повика за Европското првенство во 2021 година кое Италија го освои. Тогаш предност добија: Инсиње, Берарди, Киеза, Имобиле, Белоти и Распадори.

Египет во меѓувреме беше дел од Мундијалот во Русија во 2018 година и сега го чека нов настап ова лето.