По две децении кариера се пензионираше еден од милениците на Ферги

Поранешниот англиски репрезентативец и крилен фудбалер Ешли Јанг објави дека се повлекува од професионалниот фудбал по повеќе од 22 години кариера.

Поранешната ѕвезда на Англија и на Манчестер јунајтед, кој моментално настапува за Ипсвич и таму е од 2025 година повлекувањето го потврди преку социјалните мрежи.

„Од Сефтон Роуд до Викараџ Роуд, па Вила Парк, па Вембли, па Олд Трафорд, па Сан Сиро, назад во Вила Парк, па Гудисон Парк и конечно Портман Роуд. Тоа беше патување за кое сонував како дете! Но овој сон мора да има и крај, а сабота би можела да биде последниот натпревар во мојата професионална кариера“, напиша Јанг.

Тој наведе дека ова би можело да биде неговиот последен натпревар, бидејќи сè уште не е познато дали Ипсвич директно ќе избори промоција или ќе игра плејоф за влез во Премиер лигата. Доколку не обезбеди директен пласман, Јанг ќе одигра уште најмалку еден натпревар во плејофот пред да се прости од фудбалот.

Јанг заминува во пензија како една од последните икони на Манчестер јунајтед од ерата на Алекс Фергусон. Тој беше дел од последната шампионска генерација на „црвените ѓаволи“ во 2013 година.

Во својата кариера настапуваше уште за Интер, Астон Вила, Евертон, Вотфорд и Ипсвич. За репрезентацијата на Англија одигра 39 натпревари и постигна седум голови.