Атлетико не успеа да го „крене“ Облак за дуелот со Барса

Голманот Јан Облак нема да игра за Атлетико Мадрид против Барселона во првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите што е на програмата утре.

Словенецот се мачи со повреда веќе еден месец и иако тренира на речиси нормално ниво во последните денови, не се најде во составот за „Камп Ноу“. На негово место повторно ќе биде Хуан Мусо кој бранеше и во саботата против истиот ривал, но во Ла Лига.

Поради повреди надвор од теренот се и играчите од средниот ред Пабло Бариос и Џони Кардосо, кои не се во конкуренција подолго време. За Хозе Хименез ќе се одлучува во последен момент, бидејќи и тој има проблеми.

Поради отсуствата, тренерот Диего Симеоне беше принуден да ја пополни групата со тројца играчи од академијата. Тоа се двајцата резервни голмани Ескивел и Де Луис, како и Хулио Дијаз (дефанзивец), кој веќе некое време тренира редовно со машката екипа.