Урнебесно: Нејмар чека повик за Мундијал, а „Нетфликс“ го „пензионираше“

Нејмар повторно се најде во центарот на вниманието на бразилската јавност, откако селекторот Карло Анчелоти реши да не го повика напаѓачот на Сантос за претстојните натпревари, кои се генерална проба пред Светското првенство.

Најдобриот стрелец во историјата на бразилската репрезентација со 79 голови и втор по број на настапи со 128, така, според многумина, е практично отпишан од комбинациите за настап на Мундијалот, иако негова огромна желба е да биде помеѓу патниците и се надева дека на крајот сепак Анчелоти ќе му испрати повик.

Во меѓувреме, вниманието го привлече и необичен гаф на „Нетфликс“. Имено, Нејмар кој е дел од документарецот за Роналдињо во еден момент кога зборува до него како опис стои: „поранешен бразилски фудбалер и легенда на Барселона“ 

Овој пропуст брзо стана вирален на социјалните мрежи, каде дел од корисниците иронично забележаа дека тоа и не е толку далеку од вистината, со оглед на тоа што Нејмар во последните години често се соочува со повреди и многу време поминува надвор од терените.

Според официјалните податоци, во изминатите три години, од вкупно 1.095 дена, тој дури 807 дена бил надвор од терените поради повреди, што дополнително ја отвора дилемата за неговата улога во репрезентацијата.