Ројевиќ: Ништо не е готово против Олимпијакос - играме за цела Македонија!

Охрид утре на домашен терен ќе го пречека грчки Олимпијакос во четвртфиналето на Европскиот куп на ЕХФ, а во натпреварот влегуваат со предност од пет голови (31-26).

Тренерот на Охрид, Борис Ројевиќ вели дека водството од првиот натпревар не треба ништо да значи затоа што Олимпијакос е опасен тим, но ќе дадат сè од себе за да остварат историски успех.

„Пет голови можат да се стигнат лесно. Олимпијакос минатата сезона на гости славеше кај Турд со пет голови разлика, а потоа загуби со четири на домашен терен. Ова е опасен резултат и мора да внимаваме. Дополнителен проблем се повредените ракометари, имаме четворица повредени играчи. Ни треба поддршка од Охрид, но и цела Македонија затоа што ние ја претставуваме државата во ова натпреварување. Се надевам дека публиката ќе ни помогне да се избориме за полуфинале“, кажа Ројевиќ.

Охрид утре го пречекува Олимпијакос во СРЦ „Билјанини Извори“ од 18 часот.