Мега пресметка за крај: Меси против Роналдо во четвртфиналето на Мундијалот!?

Поради големиот број репрезентации, групната фаза од претстојното Светско првенство може да биде најздодевно во историјата, но затоа нокаут делот би можел да донесе неколку мега пресметки.

Меѓу нив, со особено внимание се очекува можниот „последен танц“ на Лионел Меси и Кристијано Роналдо, двајцата фудбалери кои одбележаа една ера, па можеби и целата историја на фудбалот имајќи предвид дека држат најголем број од рекордите. Нивниот прв дуел на светските првенства може да се случи во четвртфиналето на претстојниот шампионат, но прво треба да се исполнат некои услови.

Пред се, Аргентина и Португалија треба да ги освојат првите места во своите групи - Ј и К. Аргентина потоа во 1/16-финалето би играла со второпласираниот од групата Х каде се Шпанија, Зеленортски Острови, Саудиска Арабија и Уругвај, а Португалија со третопласираниот од една од групите Д, Е, И Ј или Л. И едните и другите не би требало да имаат тешка задача ни во првата, ни во втората нокаут фаза што многу им се допаѓа на љубителите на фудбалот бидејќи потоа следува можеби натпреварот кој ќе го одбележи овој Мундијал. Тој меч би се одиграл на 11 јули во Канзас Сити.

Роналдо и Меси имаат 37 меѓусебни пресметки низ кариерата, 17 победи забележа Аргентинецот, а 11 португалскиот ас. Сепак, само две од нив се на репрезентативно ниво и тоа пријателски дуели, еден одигран во 2011 и еден во 2014 година.