Стоилов: Со Бутел ќе помогнеме да имаме здрава репрезентација
Со раководството Стоилов брзо се договорил и како што вели ова е клуб кој се поклопува и со неговите амбиции.
„Сакам да се заблагодарам на раководството за дадената шанса. РК Бутел одговара на моите амбиции и ова е тим каде што сакам да ја почнам тренерската кариера. Фокусот ќе биде на работа со млади, како што работеле и досега. Посебно ми одговара што се клуб од Скопје, многу брзо се договоривме и мислам дека работите ќе одат како што треба“.
Кога во прашање се амбициите, вели дека треба да се прифати филозифијата на работата со младите со цел да имаме една здрава репрезентација, бидејќи Вардар, Пелистер, Алкалоид и Охрид се далеку пред другите.
„Останува целта на работата со младите со цел да имаме една здрава репрезентација, бидејќи треба да ја прифатиме ситуацијата дека тие четири клуба се одвоија далеку финансиски пред другите. Принципот на работа сакам да биде тоа, како да дојдеш до репрезентација, некогаш се случува некој да дојде до репрезентацијата, а му недостасуваат одредени чекори. Мислам дека клуб како Бутел може да придонесе во таквиот равој“, изјави Стоилов.
Ангажманот во Бутел за Стоилов е негов прв како главен тренер, претходно беше дел од стручниот штаб на Вардар, а во овој момент исто така е дел од таборот на Кире Лазаров во репрезентацијата.