Тоти распали по италијанските фудбалери: Ние бевме воини, а овие...
„Аѕурите“ од дома ќе го гледаат следниот Мундијал, како и претходните два. Овојпат разочарувањето е уште поголемо, лузната подлабока, бидејќи составот на Џенаро Гатузо беше елиминиран од 71. тим на ФИФА листата, Босна и Херцеговина, но и поради фактот дека една Италија, четирикратен светски шампион, нема да биде на најмасовното Светско првенство кое од оваа година брои 48 репрезентации.
Еден ден по дебаклот во Зеница, најомилениот капитен на Рома вели дека падот на „аѕурите“ се случува затоа што тимот го изгубил својот идентитет и воинствениот дух што некогаш го имал и по кој бил препознатлив кога играл.
„Последната Италија на Светското првенство што ја паметам... беа воини. Решителни, фокусирани, посветени. Немаше никакви одвлекувања на вниманието, немаше опсесија со имиџот, немаше потреба да се живее на социјалните медиуми. Само фудбал, само гордост, само одговорност за дресот што го носите“, истакна Тоти.
Тимот за кој зборува тој е, секако, оној што го освои светското првенство во Германија во 2006 година и покрај тоа што „аѕурите“ играа и на следните два Мундијала, во Јужна Африка и Бразил, само што тогаш не успеаја да ја поминат ни групата.
„Тој тим беше како Римјаните низ историјата: дисциплиниран, бестрашен и почитуван. Тоа беше времето кога Италија беше вистинска Италија. А денес... Ме боли да кажам дека Италија го изгуби својот идентитет. Премногу играчи се лежерни, премногу расеани од славата, тетоважите, начинот на живот на славните. Фокусот е исчезнат, гладот исчезна. Сега се соочуваме со најголемиот срам - неиграње на Светското првенство по трет пат по ред. За нација како Италија, ова не е само неуспех... туку е понижување. Само талентот никогаш не е доволен. Без менталитет, без гордост... немате ништо“, додаде легендарниот напаѓач.