Европскиот шампион на колена пред Димитријевиќ: Македонецот блесна за Баерн Минхен

Кошаркарите на Баерн Минхен триумфираа против Фенербахче со 85-76 во 35. коло од Евролигата, а македонскиот интернационалец Ненад Димитријевиќ беше најефикасен во победничкиот тим.

Германскиот тим го отвори мечот на најдобар можен начин и ја доби првата четвртина со 25-12, а предноста од 13 поени ја задржа и на полувреме (43-30).

Фенербахче почна да ја топи негативата зад Баерн во третата четвртина и намали на пет поени (60-65), но Баерн на почетокот на последните 10 минути повторно ја врати двоцифрената предност (74-62).

Турскиот гигант се обидуваше да направи пресврт и се приближи на минус три (76-79), но тоа беше сè од лидерот во Евролигата, по што Баерн во финишот постигна уште неколку кошеви за триумф од 85-76.

Македонскиот кошаркар постигна најмногу поени на мечот, односно 22 поени, а додаде и еден скок и три асистенции. На спротивната страна Тарик Биберовиќ постигна 21 поен, три скокови и три асистенции.

Фото: Facebook/FC Bayern Basketball