Бурна ноќ во Приштина: Турските фудбалери немаа мирен сон! (ВИДЕО)

Косовската репрезентација вечерва го игра финалето од баражот за пласман на Светското првенство против Турција пред своите навивачи, а турските играчи немаа мирна ноќ во Приштина пред натпреварот.

Домашните навивачи се погрижија за тоа, предизвикувајќи огромен огномет пред хотелот каде што престојува турскиот тим.

Според извештаите од Турција, сè започнало малку по полноќ, кога пред хотелот одекнале силни експлозии. Целта очигледно била да се наруши сонот на гостинските играчи пред еден од најважните натпревари од квалификациската рунда.

Потоа на социјалните мрежи се појавија бројни реакции од Турција, при што некои навивачи го изразија своето незадоволство и разочарување од она што се случи во Приштина.

Во објавите се тврди и дека наводно немало доволно обезбедување околу хотелот, што косовските навивачи го искористиле за да предизвикаат огромен огномет среде ноќ и да ги разбудат членовите на турскиот тим.

Останува да се види дали овие настани ќе имаат некакво влијание врз натпреварот, кој и носи огромен влог - пласман на Светското првенство.