Ирците не нѐ памтат по добро  – два пати ги спречивме да играат на големите натпреварувања (ВИДЕО)

Иако во меѓусебните дуели Ирска е подобра и на шест меча оствари четири победи, спомнувањето на Македонија во оваа островска земја не буди убави спомени.

Кон крајот на минатиот век, Македонија и Ирска се сретнаа четири пати, островјаните славеа два пати, Македонија еднаш и еден меч заврши нерешено, но оние натпревари кои не ги добија, беа кобни за Ирците. Тие ги чинеа настап на Светското првенство во 1998 и Европското во 2000 година.

Единствениот триумф Македонија го забележа на 2 април 1997 година кога во Скопје победи со 3-2. Два пенала погоди Митко Стојковски, а третиот гол беше маестрално дело на тогаш младиот Ѓорѓи Христов кој знаеше и како да прослави. На крајот излезе дека тој пораз не е клучен во борбата за пласман на Мундијалот бидејќи Ирците имаа десет бода помалку од најдобрата репрезентација во квалификациите Романија и играа бараж, но бидејќи мечот беше во раната фаза од квалификациите, прилично ги изнервира противниците.

Многу поболно за нив беше ремито две години подоцна, исто така во Скопје. На 9 октомври 1999 година, Македонија и Ирска одиграа 1-1, а Ирците со победа имаа директен пласман на Европското првенство. Истиот ден играа Хрватска и СР Југославија во Загреб, тој меч заврши 2-2, па Ирска со триумф ќе завршеше на првото место на табелата. Славјето го спречи дефанзивецот Горан Ставревски кој постигна гол со глава во судиското продолжение за 1-1, бод кој нам ништо не ни значеше, а Ирците тотално ги уништи. Тие потоа играа бараж со Турција, вкупниот резултат беше 1-1, но испаднаа поради тоа што противникот гол на гостински терен, според тогашните правила.