Димитриевски: Најмалку што можеме да направиме за Македонија е да го дадеме - најдоброто од нас!

Голманот на македонската репрезентација, Столе Димитриевски беше на денешната прес-конференција пред утрешниот меч против Ирска во Даблин.

Македонија на последните два меча прими дури 11 голови, а имаше уште многу шутеви кон голот на Димитриевски.

„Точно е дека на последните два меча примивме многу голови, имавме доста шутеви кон нашиот гол. Го анализиравме мечот со Данска, потребна ни е подобра дуел игра на средината на теренот, да дојдеме до вторите топки, да не им дозволиме да создаваат простори и да имаат толку шутеви. Разговаравме, ги знаеме грешките, треба да се подобриме“, вели Димитриевски.

Тој смета дека секогаш кога се игра за националниот тим мора да се дава максимумот, без разлика на важноста на натпреварот.

„Селекторот ни дава мотивација, не мотивира, ни зборува како да играме, како да ги спречиме тие шутеви, наше е да одиграме. Јас сум професионалец, секогаш сакам да дадам максиум и да победам, сите тука размислуваме така и сме максимално фокусирани за да го дадеме најдоброто од нас и да одиграме одличен натпревар. Тоа е најмалку што можеме да дадеме за Македонија“, додаде нашиот голман.

Мечот меѓу Ирска и Македонија се игра утре од 20:45 часот.