„Ги анализиравме грешките од Данска, да покажеме карактер и да изгинеме против Ирска“
Македонија доживеа тежок пораз во Копенхаген, па утре наместо бараж за пласман на Светско првенство, ќе играме безначаен меч против Ирска во Даблин.
„Поразите болат. Тешко е по еден таков меч како тој против Данска, но смирени сме, фокусирани сме за утрешниот меч. Сите не боли тој пораз од Данска, но дечките кои се тука се супер, тренираме и тоа што го тренираме треба да го пренесеме на утрешниот натпревар против Ирска“, вели Седлоски.
И покрај незадоволсвото кај одредени поединци, селекторот Гоце Седлоски вели дека атмосверата во репрезентацијата е на највисоко ниво.
„Го анализиравме мечот со Данска, ги анализиравме грешките кои ги направивме. Сите играчи нормално се однесуваат, како една фамилија сме и така сакам да остане понатаму. Данска е минато, сега барам да покажеме карактер на утрешниот натпревар. Утре треба да изгинеме, да го дадеме максимумот, да покажеме карактер и да одиграме најдобро што можеме“.
Тој вели дека ќе направи неколку промени во стартниот тим, но не многу. Во текот на утрешниот меч Седлоски ќе има право и на осум замени.
„Ќе направам промени на неколку позиции, но нема премногу да смениме. Се договоривме да имаме осум измени во овој меч, тие што ќе влезат заслужуваат да играат, затоа се тука и ќе имаат можност да се докажат“.
Тој смета дека Ирците ќе бидат мотивирани и покрај тешкиот пораз од Чешка кој дојде по нивно водство од 2-0.
„И покрај болниот пораз на Ирците од Чешка, мислам дека тие ќе одиграат утре мотивирано и покрај тоа што мечот нема значење. Тешко беше за нив што загубија иако водеа со 2-0“, заврши Седлоски.