Седлоски: Вратата е отворена за секој, тука се игра за Македонија, не за себе!

На денешната прес-конференција пред утрешниот меч против Република Ирска, селекторот Гоце Седлоски зборуваше и за оние кои ја напуштија селекцијата откако се налутија зошто не беа стартери против Данска.

Бојан Миовски се налути затоа што не го почна мечот од првата минута, а Александар Трајковски затоа што го преседе дуелот на клупата. Двајцата си заминаа од националниот тим и нема да играат утре против Ирска.

„Оние играчи кои настапуваат во клубовите имаат поголемо право да бидат стартери за репрезентацијата, така го правев составот против Данска. Кој не сака да игра за Македонија тој не игра ни за селекторот, ни за играчите, игра за државата, не гледам причина некој да се лути зошто не бил стартер. Тоа е негово размислување и не му се мешам многу“, рече селекторот Гоце Седлоски.

Селекторот не отфрли враќање на Стефан Ристовски и Аријан Адеми во иднина.

„Во репрезентацијата на никој вратата не му е затворена. На овие два меча се одлучив за оние кои ги играа квалификациите. Разговарав со Стефан Ристовски и Аријан Адеми, вратата за никој не е затворена, но ќе видиме што ќе биде понатаму“.

Утрешниот меч меѓу Ирска и Македонија се игра со почеток од 20:45 часот.