Се тресе тронот на Алкараз, прашање е само кога Шпанецот ќе падне од него

Двете титули на Синер во САД и лошите резултати на Алкараз придонесоа значително да се намали бодовната разлика меѓу двајцата најдобри светски тенисери во моментов.

На најновата ранг листа објавена денеска, Алкараз е прв со 13.590 бода, само 1.190 повеќе од Синер кој од американскиот континент се наоѓа со 2.000 чисти бодови затоа што од лани не бранеше ништо. Иста ќе биде ситуацијата до средината на мај бидејќи Италијанецот минатата година во овој период не играше поради допинг суспензијата, па се чини дека е само прашање на време кога ќе дојде до промена на челната позиција.

Тоа може да се случи веќе за две недели бидејќи Алкараз брани 1.000 бода во Монте Карло, турнир кој почнува за шест дена. Останува само дилемата дали Синер ќе настапи таму затоа што нема многу време за подготовка за земјена подлога, но дури и да не игра, до „Ролан Гарос“ брани 1.950 бода, а Алкараз дури 4.330.

Притоа, Шпанецот ја има единствената шанса да заработи бодови во Мадрид каде лани не играше и во Барселона нешто ситно, додека во Монте Карло, Рим и Париз ги брани трофеите. Алкараз денеска ја почна 65. недела на првото место на АТП листата, а идната ќе се израмни со Синер по бројот на недели поминати на врвот.