Невидена доминација: Синер до Саншајн дабл без загубен сет
Откако пред две недели славеше во Индијан Велс, вториот светски рекет истото го направи ноќеска на Флорида откако во финалето беше подобар од Јиржи Лехечка од Чешка со 2-0 (6-4, 6-4). Сепак, италијанскиот ас го запиша своето име во историјата бидејќи стана прв кој до двете титули стигна без загубен сет што доволно кажува за неговата доминација на овие два турнира.
Финалето траеше 94 минути активна игра, но се пролонгира на околу три часа бидејќи на самиот почеток на вториот сет дојде до силен дожд кој предизвика прекин од час и половина. Лехечка се претстави во одлично издание, добро го испоти својот ривал, но Синер знаеше како да ги искористи малкуте негови грешки.
Во двата сета направи по еден брејк, во првиот при 1-1, а во вториот при 4-4 и тоа беше доволно за голема победа. За Синер ова беше трета Мастерс титула по ред и сите ги освои на тврда подлога, без да загуби сет.
фото: EPA photo