Сензација во женскиот одбојкарски Куп: Историски трофеј за Вардар

Дебитантот Вардар е освојувач на трофејот во 33. издание од Купот на Македонилја во женска конкуренција, откако во финалето со 3-0 (25-22, 25-12, 25-22) го победи бранителот на титулата Наковски Волеј.

„Црвено-црните“ со ова ја комплетираа сензацијата бидејќи ваков исход најавија уште на патот кон завршниот турнир, елиминирајќи ги Фит Фан Волеј, потоа Работнички и вчера во полуфиналето и Газели Волеј. Ниту бранителот и еден од најсериозните кандидати за шампионската титула Наковски Волеј не успеја да им застане на патот.

Вардар отвори со 8-1, Наковски волеј израмни на 14:14, но тогаш проработе блокот на „црвено-црните“ за нова предност од 20-15. Сето тоа резултираше со водство од 1-0 во сетови. Вториот сет понуди неизвесност само за кратко (2-2), а потоа одново иницијативата ја превзема дебитантот. Вардар отиде на 16-6 и без проблеми дојде до убедливо водство кое го однесе тимот на само чекор од големиот триумф. По негативата од 0-2, Наковски Волеј комплетно ја загуби својата игра, па „вардарки“ во третиот сет влегоа со 8-0, односно 14-4. Струмичани се доближија на 21-22, но од „црвено-црниот“ табор не оставија ништо на случајност, реагираа со пауза од 30 секунди и со 25-22 и победа од 3-0 стигнаа до историски пехар.

Капитенот на Вардар ЕМ Ана Јаничиќ беше прогласена и за најкорисен играч на Купот на ОФМ 2026 во женска конкуренција.