Нова пол-позиција за Антонели, катастрофа на Ферстапен

Италијанскиот возач Андреа Кими Антонели победи во квалификациите за Големата награда на Јапонија во Формула 1 и вторпат по ред ќе стартува од пол-позицијата.

Членот на Мерцедес го победи својот тимски колега Џорџ Расел кој заврши втор, а Оскар Пјастре од Мекларен го освои третото место. Антонели ја обезбеди пол-позицијата со својот прв најбрз круг во третиот дел од квалификациите, при што речиси сите возачи од првите 10 не успеаја да ги подобрат своите времиња во своите втори обиди, вклучувајќи го и Андреа.

Единствен исклучок беше Шарл Леклер од Ферари, кој скокна од петтото на четвртото место во својот последен круг, со што ги раздели двајцата возачи на Мекларен. Првите шест ги комплетираа светскиот шампион Ландо Норис и Луис Хамилтон.

Непријатното изненадување во квалификациите беше поранешниот светски шампион Макс Ферстапен во вториот дел од сесијата. Макс им соопшти на меганичаите на Ред Бул преку радио дека неговиот автомобил „одеднаш стана неконтролиран“. Ферстапен се бореше до крајот, но беше истиснат од топ 10 од неговиот тимски колега Исак Хаџар и Арвид Линдблад од Рејсинг Булс. На крајот од квалификациите, Хаџар заврши осми, а Линдблад – десетти.

Трката за Големата натрада на Јапонија се вози утре од 7 часот по средноевропско време.