Капело можеби ги потцени Босанците: Со Велс ќе беше многу потешко

Прославениот италијански стратег Фабио Капело не го криеше воодушевувањето по победата на Италија над Северна Ирска во полуфиналето од баражот, а во изјава за „Ла Газета дело Спорт“ се осврна и на претстојното финале против репрезентацијата на Босна и Херцеговина.

Поранешниот тренер на Милан, Рома, Јувентус и Реал Мадрид ги пофали техничките квалитети на БиХ, но воедно истакна и една интересна забелешка, призна дека гостување во Кардиф против Велс веројатно би било поголем предизвик за „аѕурите“ поради стилот на игра.

„Во финалето нè чека БиХ, противник со добра техника и сигурно посилен од Северна Ирска. Но, морам да бидам искрен, кога станува збор за борбен дух и ритам, Велс ќе беше многу покомплицирана пречка, особено на нивен терен“, изјави Капело.

Говорејќи за мечот со Северна Ирска, Капело призна дека натпреварот го доживеал многу емотивно:

„Врескав како луд на каучот. Репрезентацијата за мене е многу повеќе од обичен тим“.

Тој додаде дека Италија под водство на Џенаро Гатузо во првото полувреме играла премногу бавно и со недоволен интензитет, но истакна дека го радува карактерот на тимот.