Гатузо за Киеза: Не можам со сила да го терам да игра за Италија!

Селекторот на Италија, Џенаро Гатузо откри дека Федерико Киеза не е отсутен поради повреда, туку го одбил повикот за репрезентацијата.

Пред Италија е нов бараж за Светско првенство, Италијанците по претходните неуспеси сега немаат право на грешка.

Гатузо откри дека крилниот напаѓач, Киеза, сам побарал да биде ослободен, бидејќи не се чувствувал психолошки подготвен за натпреварот.

Оваа одлука предизвика бурни реакции во јавноста, но Гатузо јасно стави до знаење дека нема намера да врши притисок врз играчите. Тој нагласи дека секој фудбалер различно се справува со притисокот и дека кога некој покажува сомнеж, подобро е да не биде дел од тимот.

„Не можеш да ги ставиш сите во ист калап. Кога ќе почувствувам дека некој не е сигурен, морам да реагирам. Киеза сам одлучи да си замине и јас го почитувам тоа. Не сакам никого да терам на сила“, изјави селекторот.

Сепак, проблемите за „аѕурите“ не завршуваат тука. Освен Киеза, од комбинација отпадна и напаѓачот Џанлука Скамака, додека состојбата на дел од одбранбените играчи останува неизвесна. Под знак прашалник се Алесандро Бастони и Џанлука Манчини, што дополнително ја комплицира ситуацијата во пресрет на клучниот натпревар.