Циркус во Германија: Шампионите мислеле дека им е украден трофејот, го нашле во - подрум

Ракометниот клуб Фуксе Берлин успеа да го пронајде шампионскиот трофеј од Бундеслигата, неколку месеци откако се стравуваше дека е украден при грабеж во клупските простории.

Трофејот, освоен минатиот јуни, исчезна по инцидентот во ноември кога крадци однеле пари и други вредни предмети. Иако полицијата во јануари уапси осомничени поврзани со повеќе кривични дела, се сметаше дека пехарот е неповратно изгубен.

Сепак, при неодамнешен претрес на објектот, трофејот бил пронајден во подрумот на клубот, каде што бил скриен. Се претпоставува дека сторителите планирале подоцна да се вратат по него, но биле спречени, најверојатно поради зголеменото внимание во јавноста и медиумите.

Генералниот менаџер Боб Ханинг изјави дека сите во клубот чувствуваат олеснување и се среќни што симболот на нивниот најголем успех е повторно вратен. Со тоа, трофејот ќе продолжи да биде дел од традицијата и историјата на клубот.