Фалангата ги доби „наредбите“ за Копенхаген – нема пиротехника, знамињата мора да се одобрени!
Фан-зоната за македонските поддржувачи ќе биде сместена во „The Old Irish Pub“, каде собирањето ќе започне од 12 часот на денот на натпреварот. Организираното движење кон стадионот е предвидено околу 18.30 часот, при што дел од патот ќе се помине со бесплатен воз, а остатокот пеш, во координација со локалните безбедносни служби. Вратите на стадионот ќе бидат отворени од 19.15 часот. Македонските навивачи ќе бидат сместени во секторот Д1, додека оние со билети од прва категорија ќе бидат во секторот А9. Влез во други сектори нема да биде дозволен.

Од ФФМ нагласуваат дека по влезот на стадионот нема да биде дозволено излегување и повторно враќање. Секој посетител задолжително треба да има валиден личен документ (лична карта или пасош), кој ќе го приложи по потреба. Билети нема да се продаваат на денот на натпреварот, а паркингот околу стадионот е со ограничен капацитет и ќе функционира по принципот „прв дојден – прв услужен“, со наплата. Во однос на реквизитите, дозволени се знамиња и банери со максимални димензии од 1x1,5 метри, при што сите со текст мора да бидат претходно одобрени. Во спротивно, нема да може да се внесат на стадионот.
Строго е забрането внесување на фотоапарати, камери, храна и пијалоци, како и ранци и чанти поголеми од формат А4. Дополнително, не е дозволена никаква пиротехника, огномети, чадни бомби и други опасни предмети. За внесување на реквизити како тапани, мегафони и слично, потребно е претходно да се достави формално барање со фотографија и контакт податоци. Без претходно одобрение, овие предмети нема да бидат дозволени.