Ужас во Шведска: Млад фудбалер смртно застрелан среде улица – по грешка!

Голема трагедија го потресе шведскиот град Еребру, каде што беше убиен 20-годишниот фудбалер Хуго Мосхаген.

Станува збор за млад голман на БК Форвард, кој бил смртно застрелан среде улица, иако никогаш не бил поврзан со криминал. Според првичните информации, напаѓачот наводно го заменил со член на ривалска банда и го ликвидирал по грешка. Полицијата добила пријава за пукање во саботата непосредно пред полноќ. Мосхаген бил итно пренесен во болница, но им подлегнал на повредите неколку часа подоцна. Засега нема уапсени.

Овој трагичен случај доаѓа во време кога Шведска се соочува со зголемен бран на насилство и употреба на огнено оружје, особено поврзано со судири меѓу криминални групи.

„Ова е празнина. Во еден момент сте бесни, во следниот тажни. Го изгубивме нашето дете на целосно бесмислен начин“, изјави неговиот татко Јоаким Гунарсон за шведските медиуми.

Мосхаген важеше за голем талент и сонувал професионална кариера, но неговиот живот згасна прерано – во трагедија што ја шокираше целата спортска јавност.