„Македонија не е Франција или Германија – патот кон СП ни е отворен!“

Еден од главните адути на данската репрезентација, напаѓачот на Наполи, Расмус Хојлунд, во разговор за данската телевизија „ТВ2“ испрати самоуверена порака пред бараж-дуелот со Македонија, нагласувајќи дека воопшто не размислува за летен одмор зашто очекува настап на СП 2026 во САД, Мексико и Канада.

Данска веќе в четврток (26 март) во Copenhagen ќе ја пречека македонската селекција во полуфиналето од мундијалскиот бараж, а соиграчот на Елиф Елмас во Наполи јасно стави до знаење дека неговата репрезентација гледа голема шанса за пласман понатаму.

„Цврсто верувам дека ќе одам на Светското првенство. Затоа и сè уште не сум резервирал летен одмор“, изјави данскиот напаѓач.

Тој дополнително истакна дека Данска мора да ја искористи шансата што ѝ се отвора.

„Сè уште имаме златна можност за пласман на Мундијал. Мислам дека треба да се квалификуваме. Имаме вистинска шанса. Не се соочуваме со Франција или Германија… Го кажувам ова со сета должна почит кон Македонија и кон евентуалните финалисти Чешка или Ирска. Но, дефинитивно мислам дека постои вистинска можност и треба да ја искористиме“, дополнува Хојлунд.

Данците ги пропуштија првите две можности за директен пласман во ноември, кога не успеаја да победат против Шкотска и Белорусија, со што остана без првото место во групата.

Хојлунд се осврна и на проблемите што ги имал во тој период.

„Бев навистина лошо. Не играв со Белорусија бидејќи на денот на мечот имав силно повраќање во собата и едвај можев да излезам од тоалетот. Беше тоа разочарување за сите нас, но нема враќање назад. Сега гледаме само на тоа што нè очекува во баражите“, заврши данскиот напаѓач.

ФОТО: EPA PHOTO