Ќе биде пеколно под Тумбе Кафе - Пелистер мора да ја победи Струга

Без победа на последните шест натпревари, екипата на Пелистер денеска ја пречекува Струга во меч кој едноставно мора да го добие за да си ги продолжи шансите за опстанок во елитата.

Во моментов, битолскиот тим се наоѓа на десеттата позиција која води во понизок ранг, а дополнителен проблем е лошата ефикасност бидејќи на овие шест натпревари постигна само два гола и е без реализација во последните 353 минути активен фудбал. Пелистер е без триумф од 12 февруари кога на домашен терен го совлада Работнички со 4-1. Денеска победата е императив бидејќи Работнички се доближи на само еден бод разлика иако предноста на Пелистер на почетокот од „пролетниот“ дел од првенството беше голема.

Сепак, Струга не е без мотиви на денешниот натпревар. Откако во средата доживеа елиминација во Купот на Македонија од Шкендија, поранешниот шампион се надева дека преку првенството ќе обезбеди пласман на европска сцена, а реално може да се вмеша и во борбата за титулата. Можно е и третото место да води во Конференциската лига, но за да се случи тоа, треба Шкендија да го освои Купот, а тоа ќе се знае дури во мај. Со евентуален триумф во Битола, Струга може да се доближи на пет бода до Шкендија и Вардар и да ја направи крајно драматична ситуацијата на девет кола пред крајот на првенството, а уште повеќе пред меѓусебните дуели на трите првопласирани екипи на табелата.

Натпреварот во Битола се игра од 14:30 часот, а по него, од 24. коло ќе остане само уште утрешниот дуел меѓу Шкупи и Башкими.