Вардар гостува кај Арсими во Гостивар, Македонија ЃП ја пречекува Шкендија

Денеска на програмата во 24. коло од Првата македонска фудбалска лига се играат два натпревари. Лидерот Вардар гостува кај Арсими во Гостивар, додека Македонија Ѓорче Петров ја пречекува Шкендија.

Вардар се надева на продолжување на победничката серија во Првата лига и нов чекор напред кон титулата, додека Арсими се наоѓа во низа од три порази во домашниот шампионат.

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб денеска нема да настапи комплетен, односно дел од стандардните фудбалери се надвор од конкуренција, меѓутоа скопскиот гигант има јасна цел во Гостивар, а тоа е освојување на три бодови.

„Црвено-црните ги добија претходните два натпревари против Арсими со 4-1 и 5-1, но гостиварскиот тим се надева дека ќе ја прекине црната серија, а еден од најискусните фудбалер Башким Велија кажа дека Арсими одел во вистинска насока, и покрај лошите резултати.

„И покрај поразот, формата оди во нагорна линија и против Вардар одиме да постигнеме позитивен резултат. И покрај минималниот пораз од Шкендија, сметам дека покажавме многу подобра игра во споредба со претходните натпревари. Полека излегуваме од кризата. Можеби резултатите сè уште не се како што посакуваме, но играта ни е подобра и тоа е многу позитивен знак“, вели Велија.

Шкендија е расположена по победата над Струга во четвртфиналето во Купот на Македонија, па се надева и на триумф во Скопје кај Македонија ЃП.

Дефанзивецот Мевљан Мурати очекува Шкендија да даде максимум против следниот ривал и да го задржи чекорот со лидерот Вардар.

„Секој натпревар има своја вредност. Фокусирани сме од меч во меч. Досега постигнавме многу цели, и сега ќе ни биде нешто полесно, затоа што не очекува полесен распоред, а доаѓа и репрезентативната пауза и верувам дека ќе имаме време да се подготвиме и до крајот да ги исполниме целите“, вели Мурати.

Македонија ЃП не се предава пред пресметката со Шкендија, иако ги загуби двете претходни средби со тетовци.

„Нормално дека Шкендија ја почитуваме и сме свесни дека овој тим е шампион. Сепак, Македонија ЃП како тим сезонава на неколку пати покажа дека може да се носи со секого па и гостувањето на Шкендија во Ѓорче Петров не претставува ништо повеќе од првенствен меч. Нам бодовите ни се неопходни тоа е и повеќе од јасно, и ќе се обидеме да стигнеме до нив. Мотивирани сме, знаеме што значи позитивен резултат против Шкендија, и ќе направиме се за да стигнеме до него“, велат од редовите на скопскиот тим.

Вардар во пресрет на денешните натпревари влегува со три бодови предност во однос на Шкендија.

Двата натпревари од 24. коло во Првата лига се закажани со почеток од 14.30 часот.