Хорор на Енфилд: Играч на Галатасарај остана без дел од прст (ВИДЕО)

Шокантни сцени се одиграа за време на натпреварот Ливерпул и Галатасарај, а во центарот на вниманието беше Ноа Ланг, кој претрпе ужасна повреда на прстот.

Во 76. минута од мечот од осминафиналето на Лигата на шампионите, напаѓачот на турскиот тим, додека се бореше за топката, се удри во рекламните табли на Енфилд, што резултираше со повреда на прстот. Ланг ја изгуби рамнотежата по дуелот со играчот на Ливерпул, Куртис Џонс. При паѓањето, ја зграпчи рекламната табла за гол-линијата, а потоа се струполи на земја и да почне да вреска од болка. Од неговите крици може да се заклучи дека болката била голема.

Телевизиските снимки покажаа и крв на неговата рака, што дополнително ја загрижи медицинската служба на Галатасарај. Откако беше укажана помош, стана јасно дека Ланг не може да го продолжи натпреварот. Тој беше изнесен од играта на носилки и мораше да му се даде кислород, а на негово место влезе Мауро Икарди.

Првичните информации од Турција остануваат нејасни во врска со точната сериозност на повредата. Некои извештаи споменуваат длабока посекотина, додека други, што е поалармантно, дури зборуваат за делумна ампутација на прстот. Единственото нешто што е сигурно е дека фудбалерот ќе биде подложен на итна операција за санирање на повредата.