Мусовски во топ-форма пред дебито за Македонија – стрелаше за Сиетл (ВИДЕО)

Новопечениот македонски репрезентативец, Дени Мусовски, потврди дека е во одлична форма пред претстојниот бараж против Данска, откако беше стрелец за Сиетл во шампионскиот куп на КОНКАКАФ.

Напаѓачот доби повик за А-селекцијата, а веднаш потоа се истакна на клупско ниво, постигнувајќи важен погодок во дуелот против Ванкувер. Сиетл се најде во негатива уште во првото полувреме, но Мусовски во 78. минута одлично реагираше во противничкиот шеснаесетник и со прецизен удар со глава донесе израмнување. До крајот на натпреварот, неговиот тим стигна и до втор гол, што беше доволно за пресврт и пласман во четвртфиналето на натпреварувањето.

Добрата форма на Мусовски доаѓа во вистински момент за македонската репрезентација, која на 26 март го игра полуфиналето од баражот за пласман на СП 2026.