Хрватска пресилна, Македонија со пораз на домашен терен ги заврши квалификациите

Женската македонска кошаркарска репрезентација со петтиот пораз во шестиот меч стави крај на квалификацискиот циклус за Европското првенство во 2027 година.

На домашен терен, во Градски парк, нашите кошаркарки загубија од Хрватска со 53-91 што и не е изненадување ако се има предвид дека на трите натпревари овој месец, Македонија настапи со драстично изменет и подмладен состав. Хрватска беше фаворит не само на овој меч, туку и воопшто во квалификациите.

Најголем дел од работата, гостинките завршија во првата четвртина која ја добија со 21-6. Меѓу првиот и вториот период имаа серија од 14-0, се чинеше дека ќе дојдат до многу поубедлива победа, но македонските кошаркарки се разбудија и во натамошниот дел од мечот беа многу порамноправни.

Во отсуство на најдобрата Мерит Хемпе, Милица Николиќ ја предводеше македонската репрезентација со 16 поени, Селцова додаде 13, а Пислевска девет.